Министрите за јавна администрација на Македонија и Црна Гора се сретнаа: Поттикнување соработка и размена на најдобри практики

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за јавна администрација на Република Северна Македонија, Горан Минчев и министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај , во рамки на конференцијата во Љубљана, остварија билатерална средба со цел на зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на реформите во јавната администрација.

Состанокот беше фокусиран на споделување искуства и најдобри практики во реформата на јавната администрација, доброто владеење и иновативните модели на управување.

Двајцата министри ја истакнаа важноста од продлабочување и унапредување на соработката за подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одговорноста на јавните услуги, кои се клучни приоритети за двете влади.

Министерот Минчев ги истакна актуелните активности на министерството во модернизацијата на јавните услуги преку дигитални алатки и тековните реформи насочени кон создавање поагилна администрација ориентирана кон граѓаните.

Тој ја нагласи потребата од регионални партнерства, потенцирајќи: „Реформата на јавната администрација е камен-темелник на доброто владеење. Со споделување на знаење и експертиза со нашите црногорски колеги, можеме да ја забрзаме модернизацијата на нашите системи, да ја подобриме довербата на јавноста и да го поддржиме одржливиот развој на нашите земји“.

Министерот Дукај ја поздрави можноста да се научи од реформските искуства на Република Северна Македонија, особено во областите на дигитализација и е-владеење.

„Црна Гора е посветена на спроведување на реформи кои ќе ја направат нашата јавна администрација поефикасна и потранспарентна. Нашата соработка со Република Северна Македонија е значаен чекор кон постигнување на овие цели“ – истакна тој.

Министрите се согласија да воспостават рамка за континуиран дијалог и соработка, која ќе вклучува заеднички работилници, програми за обука и размена на техничка експертиза во области како што се управување со човечки ресурси, дигитализација на јавниот сектор и иновации за испорака на услуги.

Двете страни ја изразија својата посветеност за истражување на понатамошни области на соработка, како што се развојот на прекугранични е-услуги и промоција на иницијативи на отворена влада, за подобрување на регионалната интеграција и обезбедување подобри услуги за граѓаните.Оваа билатерална иницијатива се очекува дополнително да ги зајакне односите помеѓу двете држави и да придонесе за нивната заедничка цел која остварува постигнување ефикасна, транспарентна и инклузивна јавна администрација.