Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 оцени дека зголемувањето на платите долгорочно и одржливо може да се постигне само преку раст на продуктивноста на трудот, но нагласи дека реалната состојба во Македонија наметнува потреба од поширок и посензитивен пристап.
Според Миноски, минималната плата во земјава е меѓу најниските во регионот, што директно создава притисок врз животниот стандард на работниците со најниски примања.
„Висината на минималната плата во Македонија е исклучително ниска и тоа неминовно влијае врз квалитетот на живот на оние кои примаат најниски плати“, истакна тој.
Миноски посочи дека прашањето за зголемување на минималната плата е комплексно и мора да се разгледува низ рамките на трипартитниот социјален дијалог, во кој се вклучени државата, синдикатите и работодавачите. Притоа, неопходно е внимателно да се анализира каков ефект ќе има зголемувањето на платите врз одржливоста на бизнисите и врз трошоците за нивното работење.
Сепак, поранешниот министер нагласи дека работодавачите мора да ја земат предвид потребата на вработените за обезбедување пристојни услови за живот, особено во контекст на изразените демографски предизвици и одливот на работна сила.
„Голем дел од вработените ја напуштаат земјата поради недостиг на работна сила и повисоки плати во другите европски земји, кои настојуваат да го компензираат сопствениот недостиг со увоз на работници од Македонија“, рече Миноски.
Тој предупреди дека процесот на замена на работната сила не е едноставен и во себе носи социјални, политички и културолошки импликации. Поради тоа, како што истакна, работодавачите понекогаш треба да покажат поголема општествена одговорност.
„Во одредени ситуации, можеби ќе треба да се откажат од дел од сопствениот профит и да инвестираат во своите вработени, бидејќи човечкиот капитал е клучниот фактор што ги движи економијата и компаниите“, нагласи Миноски.
Во однос на улогата на државата, тој оцени дека Владата треба поактивно да се вклучи во процесот на социјалниот дијалог и да помогне во изнаоѓањето одржливи решенија, наместо да ги остава синдикатите и работодавачите сами да преговараат.
Миноски додаде дека целта на сите три чинители во социјалниот дијалог треба да биде раст на реалните примања и унапредување на животниот стандард на граѓаните, потенцирајќи дека суштината на политиките и јавните одлуки мора да биде подобрување на квалитетот на животот.
