Македонската култура и домашните уметници ќе имаат централно место во одбележувањето на 35 години независност на државата, најави портпаролката на Владата, Марија Митева.
На прес-конференција, Митева информираше дека повеќе од 120 македонски уметници ќе бидат дел од голем проект посветен на јубилејот, кој, како што рече, претставува еден од најзначајните настани во рамки на прославата.
„Интернационалните ѕвезди се вредни за почит, но македонските уметници и македонската култура се тие што го носат духот на една нација. Горда сум што успеавме да влеземе во организација на ваков проект во кој ќе учествуваат над 120 македонски уметници“, изјави Митева.
Таа изрази благодарност до сите учесници, како и до уметниците кои не биле присутни на прес-конференцијата, но ќе бидат дел од реализацијата.
Митева најави дека Владата во следниот период постепено ќе ги претставува и останатите проекти што се планирани за одбележување на 35-годишнината од независноста.
„Нашата определба е достоинствено да одбележиме 35 години независност, а верувам дека токму преку уметниците и културата ќе успееме тоа да го направиме на вистински начин“, порача портпаролката на Владата.
