Ќе се бара консензус околу прашањето за избор на член на Државната изборна комисија. Ова го најави новиот претседател на Собранието Јован Митрески кој во интервју за Сител рече дека прашањето за обезбедување консензус е многу важно поради тоа што за изборот на членот на ДИК е потребно двотретинско мнозинство.
„Во следниот период во овие неколку дена ќе пробам да разговарам со сите пратенички групи конечно да изнајдеме решение за ова прашање. Зошто? Затоа што изборот на член на ДИК се врши со двотретинско мнозинство. Мислам дека е добро за да го придвижиме процесот од Комисијата за избори и именувања до пленумот да дојдат двата предлози, да разговараме за двата предлози и да ја донесеме ситуацијата до чин на гласање, фактички до обезбедување на двотретинско мнозинство“, рече Митрески.
Но за Фадиљ Зендели барање компромис за нешто што е јасно наведено во Изборниот законик за тоа како се бира член на ДИК е кршење на самиот закон. Тој го повикува Митрески заедно со пратениците на СДСМ од каде што што доаѓа да гласаат за изборот на член на албанската опозиција и прашањето ќе биде решено.
„Изборниот законик е многу јасен. Значи тоа место и припаѓа на опозицијата и кои се политички партии во опозиција многу јасно се знае во Собранието, сите знаеме дека Алијанса на Албанците е дел од власта. И сега да се прави компромис за нашето што законот многу убаво го има регулирано тоа мислам дека е неодговорна изјава. Затоа не треба да има тука никаков компромис туку едноставно се почитува законот. Ако законот се почитува тогаш ова е обврска посебно на СДСМ, партијата на претседателот на Собранието да го поддржи членот на ДИК од опозицијата.“, вели Зендели.
Од друга страна пак потпретседателот на Собранието Горан Мисовски со критики кон албанската опозиција вели дека тие не сакаат да се избере член на ДИК туку со ова да создаваат тензии со кои би добивале политички поени. Зендели за ваквата изјава вели дека е несериозна.
„Само ќе му кажам на мојот колега Мисовски, еве утре да ја свика Комисијата за избори и именувања и ќе го предложиме нашиот кандидат од опозиција Абдуш Демири си одиме на пленарна и си го гласаме со двотретинско мнозинство ќе видиме дали сме заинтересирани или не. Ако не сме заинтересирани зошто ние цело време бараме. Значи бараме да се испочитува законот и демократските правила. Затоа и не можам да сфаќам таква изјава дека ние не сме заинтересирани и сме за некои политички поени. Не, воопшто тоа не е точно и неодговорно е.“, изјави Зендели.
Инаку од Алијанса за Албанците тврдат дека местото им припаѓа ним затоа што на последните парламентарни избори биле опозиција и тоа место го имале тие и треба и натаму да го задржат.
