Со кое право министерот за надворешни работи Бујар Османи преговара за мојот идентитет. Ова прашање го постави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашниот дебатен магазин Клик Плус, говорејќи околу проблемот и отворените прашања со Бугарија.
„Никој нема право да зборува за мојот идентитет. Кој е тој политичар кој што ќе бара решение за македонскиот јазик. Еве ви кажува Бујар Османи дека имал решение за македонскиот јазик. Како така, со кое право тој се дрзнува? Како без гласот да го слушне на мнозинскиот етникум ти да преговараш за неговото право, за неговиот идентитет? Од една страна наметнуваме класична етноцентрична теза за премиер Албанец, од друга страна Албанец преговара за мојот јазик македонски. Јас немам против да има премиер Албанец . Зошто има тој против мојот јазик, за да преговара? Ама зошто има против мојот јазик, зошто преговара? Зошто не рече – ова не е предмет на преговори? Кој е тој да преговара за мојот јазик?“, посочи Христијан Мицкоски.
На ваквите напади на Мицкоски одговори министерот Османи, кој вели како што се борев за албанскиот така се борам и за македонскиот јазик.
„Јас со иста жестина се борев за албанскиот јазик и во Влада и во Собрание и во Венецијанска комисија, би било нечесно да се однесувам поинаку за македонскиот јазик. Така што ја сфаќам потребата за започнување на преговори и таа е дури премногу одолговлечена, требаше одамна да се почнат тие преговори но ние мора да водиме сметка за тоа што е важно за граѓаните“, додава Бујар Османи.
Мицкоски за преговорите со официјална Софија вели дека Македонија треба да покаже карактер и, како што рече, да не коленичи пред Бугарија.
Но, претседателот на Бугарија Румен Радев во неговото последно интервју за европското електронско издание Еуроактив ги повтори обвинувањата дека Македонија го крши Договорот, дека постои говор на омраза, но и напомна дека ќе остане на барањето на вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.
„Денеска повеќе од 120 илјади македонски граѓани имаат исто така и бугарско државјанство. Тие не се само бугарски државјани, тие се и раѓани на ЕУ, а тоа значи многу кога станува збор за човековите права. Македонските Бугари мора да бидат еднакво третирани, заедно со другите групи луѓе споменати во нивниот Устав“, посочи Румен Радев.
Бугарија и на овој Совет на Европската унија не ја крена рампата за Македонија да ги почне преговорите со унијата. Меѓутоа новиот бугарски премиер Кирил Петков најави дека во следните 6 месеци очекува да се постигне договор со Македонија.
