Изградбата на автопатот Охрид-Кичево влегува во својата завршна фаза и напредува со одлична динамика, напиша премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук, споделувајќи видео од градежните активности на автопатот.
„Денес гордо кажуваме дека решаваме еден по еден од наследените проблеми, најголемиот-свелечиштата и косините. Првата галерија од вкупно 14 -те е целосно завршена и асфалтирана, вистинско инженерско чудо, кое бара врвни градежни решенија, особено поради сложениот планински терен низ кој минува трасата на автопатот. Со силно темпо се работи и на тунелите, каде градежните активности се во самата завршна фаза. Веќе 34 километри од автопатот се ставени во функција со кои постигнавме највисоки стандарди за безбедност и квалитет и кои секојднево се користат од граѓаните.“, пишува во објавата.
Мицкоски вели дека остануваат целосно посветени на завршување на овој многу значаен капитален проект во рокот кој е предвиден. Според него, ова не е само проект, туку автопат кој ги поврзува граѓаните, создава нови можности за стопанството, туризмот и целокупниот економски развој на државата.
