Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара лидерска средба, чија тема би биле предвремени парламентарни избори. Барањето на ВМРО е на оваа средба да учествуваат сите лидери, за со консензус да се договори датумот на изборите. Доколку има потреба, Мицкоски вели дека средбата може да ја организира и спикерот Талат Џафери, во просториите на Собранието.
Но за премиерот на државата Димитар Ковачевски оваа средба е непотребна. Што се однесува до барањето за предвремени избори, Ковачевски прифаќа само доколку опозицијата се согласи да гласа за уставните измени. Ковачевски има две понуди.
Лидерската средба ја одби и првиот вицепремиер Артан Груби. Груби во интервју за Канал5 вели дека изборите ќе се одржат во законските рокови, доколку ВМРО-ДПМНЕ не се предомисли и не ги прифати уставните измени. Ако се случи ова, ДУИ би се откажала од 100 дена за албански премиер.
