Мицкоски до Ахмети: Исчисти ги криминалците од твоите редови, ќе ти помогнеме и ние во тоа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати и до лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој му порача да ги исчисти криминалците од своите редови, а најави и помош во тоа.

„Ќе се обратам и на Али Ахмети, но не на начин на кој тој мене ми се обрати, не така одамна. Реформирај ја партијата. Реформирано ДУИ е важно за татковината. Исчисти ги криминалците од твоите редови, ќе ти помогнеме и ние во тоа. Верувај ми дека ќе ти помогнеме. Ова  е наша заедничка татковина. Дали гледаш колку Албанци дневно се иселуваат? Куќите во твојот Зајас зјаат празни. Наместо да се полни со луѓе, со твои соседи, роднини пријатели. За 20 години повеќе од 100 илјади Албанци се иселија од државава. Чија одговорност е тоа? Немам време за јавни надмудрувања, и да си дофрламе преку јавноста и да подгреваме тензии. Имам попаметна работа од тоа“, вели Мицкоски.

Тој додава дека знае дека на него му одговара да влегува во конфликти со него и со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е дневна теснопартиска политика.

„Дај надмини го тоа. Дајте придонесете со проекти, предлози и јас ви ветувам се што значи прогрес и развој на земјата ќе прифатиме. Не е добро секогаш кога ќе бидете опозиција да почнувате етнички теми, а кога ќе сте власт, тогаш да станувате зелена партија. Албанците во земјава живеат лошо, неспорно дел од Албанците го почитуваат Ахмети, зошто тој е таков како што е изминативе 20 години. Но зошто да не ја заслужи и почитта кај дел од Македонците? Покажи визионерство за некои работи, но треба да покаже и визионерство преку проекти, идеи, натпревар на визии. Треба да покажеш дека ја почитуваш Македонија. Помири се опозиција си, а дел од твоите најблиски соработници треба да се свесни за тоа што го правеа. А за тоа што го правеа има институт кој се вика одговорност. Ти ветив и ти ветувам ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури“, вели Мицкоски.