Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека економските показатели за вториот квартал од годината се позитивни, посочувајќи дека е забележано намалување и на државниот и на јавниот долг, како и раст на индустриското производство.
Тој оцени дека овие податоци се лоша вест за, како што рече, „опозицијата и оние што се молат и сакаат да не успее оваа држава“.
„Имаме намалување и на државниот и на јавниот долг во вториот квартал и сега сме на ниво кое, особено кога станува збор за државниот долг, е најниско по корона-кризата“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, државниот долг во вториот квартал е намален за повеќе од 40 милиони евра, додека јавниот долг е намален за повеќе од 20 милиони евра.
Осврнувајќи се на економските движења, Мицкоски истакна дека индустриското производство во јуни бележи раст од 6,5 проценти во споредба со истиот период лани.
„Имаме зголемување на индустриското производство во јуни од 6,5 проценти, а ако се земе предвид целиот втор квартал, растот изнесува четири проценти“, нагласи премиерот.
Тој оцени дека овие показатели се потврда за позитивните економски трендови во земјата и за, како што рече, успешните политики што ги спроведува Владата.
