Мицкоски: Енергетската криза догодина пострашна – третиот блок на РЕК само до некаде ќе ја ублажи кризата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 И покрај смирувањата од Владата, сепак загрижува фактот што цените на енергетските суровини растат на светскиот пазар. Цените на гасот во Европската унија се на рекордно високо ниво а дополнителен проблем е што нема доволно количини од него. Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашната дебата на ТВ21 вели дека власта не само што доцни со мерките кои треба да се преземат, туку води и лоши политики. Не е само електричната енергија проблем, туку проблем е и гасот

„ЕЛЕМ го копа нашиот јаглен, мојот, вашиот јаглен и го продава на ЕВН ХОУМ за 37 евра мегават час. Ја троши мојата, вашата вода и ја продава на ЕВН ХОУМ за 37 евра, а можеше да ја продаде на Унгарија за 237 евра и да субвенционира од сметките за струја на граѓаните наместо да субвенционира во џебовите на неколку компании кои што моментално даваат услуги дали да обезбедување или некој друг тип услуги во ЕВН ХОУМ како што се онаа позната агенција за обезбедување од Струмица“, истакна Христијан Мицкоски.

Колку ќе се успее да се задржи ударот од енергетската криза засега е неизвесно. Премиерот Заев призна дека има енергетска криза, но уверува дека до крајот на годинава е загарантирана цената на струјата. Но што потоа?

„Догодина ќе биде многу пострашно. Зборував со Урсула фон дер Лајен во Љубљана дека сме од иста сестринска партија, сериозно внимание посветуваат на енергетско обезбедување на Европската унија. Обезбедување, не прашуваат цена. Велат да се обезбедиме енергетски“, посочи Христијан Мицкоски.

И експертската јавност укажува на тоа дека енергетската криза ќе си го направи своето. Мерката на Владата за увоз на јаглен и за пуштање на третиот блок на РЕК Битола само до некаде ќе ја ублажи кризата.

„Би можело, само што знаеме дека РЕК Битола има години и години на недобро владеење, на криминал таму и не знам колку тоа ќе придонесе за ублажување.  Секој процент од нашата економија зависи од електричната енергија. Така да ќе очекуваме сите тие да скокнат почнувајќи од основните прехранбени производи“, вели Висар Адеми.

Цената на гасот а особено на електричната енергија на светските берзи достигнува рекордни суми. Само струјата во моментов е околу 180 евра за мегават час.