Премиерот Мицкоски ги критикуваше позициите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители кои се против неговото предизборно ветување за целосно распуштање на советите.
„Убава е нивната позиција, убаво е секој месец да си земате плата, а да имате два проценти доверба кај граѓаните.“, рече Мицкоски.
Тој рече дека би се засрамил ако има двонастотна доверба и ги повика да дадат предлог.
„Ако има подобри решенија, подготвен сум да разговарам. Еве нека дојдат, нека кажат ако имаме подобри решенија.“-рече Мицкоски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, во интервју за 360 степени, повторно изнесе негативни забелешки на идејата за целосно распуштање на Судскиот совет. Ја оцени како атрактивна, но неефикасна. Според него, треба да се имплементираат препораките на Оценската мисија на европските експерти што Брисел зимава ги испрати да се занимаваат со предлог-реформи на Советот.
„Привидно тоа изгледа атрактивно. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е најефективниот начин. За Судскиот совет јасно е што треба да се прави – ги имаме препораките.“, изјави Гир.
Експертите пак, повикаа решението да произлезе од судиите и обвинителите.
„Правосудната фела – тие треба да го најдат на крајот на денот решението како да ослободат од сите оние коишто во рамки на нивната фела дозволуваат политичко и бизнис влијание.“, изјави Миша Поповиќ.
Претходно, дел од експертите оценија дека идејата на ВМРО-ДПМНЕ доведува до мешање на извршната во судската власт. Со ова согласен е и Гир, кој рече дека за Брисел ќе претставува сериозна загриженост целосното распуштање на Советот.
