Мицкоски и Груевски во отворена војна – ДУИ: ВМРО-ДПМНЕ е во внатрешна битка меѓу интеграција и изолација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам. Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку фејсбук статус му одговори на својот претходник од челната позиција на партијата Никола Груевски во врска со меѓусебните обвинувања за скриени договори за уставните измени.

Мицкоски вчера во интервју за германскиот Франкуфуртер алгемајне цајтунг го обвини Груевски  дека прави скриен договор со актуелната власт да се спаси од кривично гонење преку измените на Кривичниот законик а во замена да обезбеди поддршка за гласање на уставните измени.

„За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Ова не е 2018-та, ова е друго време. Како велеше „вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе“ а вистината ја знаеме и јас и ти, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, напиша Христијан Мицкоски.

Дека постои пазар меѓу власта и Груевски потврди и Антонио Милошоски кој рече дека Ковачевски и Ахмети преговарале амнестија за Груевски со цел поделби на ВМРО-ДПМНЕ а тој да им помогне да се изгласаат уставните измени.

„Агендата на СДСМ и ДУИ во периодот кој следи е со две примарни политички цели. Едната цел е да се спасат функционерите и да има амнестии за тие кои што краделе и ја злоупотребиле функцијата а втората цел е да го искористат Груевски за фрагментација во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да си олеснат евентуални изгласување на уставните измени. Ние им порачуваме и на СДСМ и на ДУИ и на нивните клиенти да не го потценуваат ВМРО-ДПМНЕ да не го потценуваат народот, партијата е обединета пратеничката група е сплотена“, вели Антонио Милошоски.

Ваквата реакција следи откако претходно Груевски на својот фејсбук профил директно го повика Мицкоски да одговори дали за германскиот весник навистина изјавил дека се обидува да ја подели партијата и дали има докази за тоа.

„Дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум. Доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата“, порача Никола Груевски.

Со коментар се огласија и од ДУИ. Оттаму се навраќаат и на интервјуто на Ахмети дадено за ТВ21 во кое тој рече дека измените на Кривичниот законик првично биле побарани од ВМРО ДПМНЕ.

„Кривичниот законик беше барање и на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но по неговото оддалечување од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ  и покрај согласувањето на СДСМ, тој се повлече од ова барање“, вели ДУИ.

Ахмети во интервјуто за ТВ21 обелодени дека за измена на Кривичниот законик имало тајни средби меѓу Заев, Груевски и со него. Ваквата изјава за средби ја демантираа и Заев и Груевски.