Првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се сретна со градоначалникот на Тетово и претседател на Движење Беса, Биљал Касами. По средбата, македонскиот опозициски лидер рече дека актуелната Влада ја вовлекла земјава во криминал и корупција, дека нема економска перспектива за граѓаните, па затоа побараа Владата да си замине што поскоро.
Претседателот на Беса, Биљал Касами, е согласен на идејата за предвремени избори. Вели дека треба да се одржат што е можно побрзо, со цел земјава да излезе од кризата.
-Разговараме за соработка на централно ниво, како две опозициски партии да понудиме решение за проблемите со кои се соочува земјава во овие критични моменти, како што е патот кон интеграција на Северна Македонија, особено од економски аспект со посебен акцент на енергетската криза. Се договоривме наредниве денови да одржиме активности за да имаме предвремени избори, за волјата на граѓаните да биде изразена и на централната власт, рече Касами.
Во однос на блокирањето на Комисијата за прашања на избори и именување во Собрание, Мицкоски рече дека најголем проблем е тоа што Владата СДСМ-ДУИ не се повлекува ниту по поразот на социјалдемократите на локалните избори. Додава дека има доволен број пратеници за работа. Од друга страна, пак, Касами бара консензус за прашања кои треба да поминат во Собрание. Според него, Движењето Беса се однесува како опозиција на сите нивоа и вети дека ќе останат реална опозиција на оваа неуспешна власт.
