Мицкоски: Имаме сигнали од поединци од други коалиции да консолидираме 61 пратеник, а со „Вреди“ да имаме до 75 пратеници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 по вчерашните претседателски и парламентарни избори и убедливата двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека резултатот е историски, но и обврзувачки за новата влада на ВМРО-ДПМНЕ за реформирање и исполнување на ветените проекти.

Тој вели дека очекува до 28 мај да консолидира како претседател на партијата 61 пратеник.

Како што вели, имаат сигнали од поединци од другите коалиции кои можат да се приклонат кон нив.

Така, заедно со „Вреди“, рече Мицкоски, би имале 74 или 75 пратеници.

„Нашата цел е да имаме како влада поддршка од две третини во парламентот. Тоа ни е потребно да направиме реконструирање во самата влада, во самиот владин кабинет за да можеме да одговориме на потребите на граѓаните и на новото време. Овој состав на владиниот кабинет е повеќе од две и пол или три децении. За да немаме министри без ресор и да им доделуваат нови ингеренции. Ако сакаме сериозна борба против криминалот и корупцијата, треба да имаме поголема транспарентност и отчетност, но и динамична размена на податоци меѓу граѓаните и администрацијата“,рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека со освојување на 107.000 гласа, коалицијата ВРЕДИ го потврдила својот кредибилитет.

„Со резултатот кој што го направија од ВРЕДИ со 107.000 гласа ценам дека тие го потврдија својот кредибилитет и тие можат да бидат кредибилен партнер во идната влада која што ќе ја предводи коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и јас како мандатар“, потенцираше Мицкоски.