Премиерот Христијан Мицкоски бил изненаден од изјавата на бугарскиот колега Димитар Главчев. Тој кажа дека двајцата не се состанале, туку кратко се виделе по завршувањето на Самитот.
„На излегување ме поздрави и ми кажа дека сум имал одличен настап, одличен говор и дека на тој начин треба да се градат односите помеѓу двете држави. Јас на тоа одговорив „одлично, ајде во скора иднина да ја кренете рампата, да можеме да почнеме да преговараме“ и на тоа добив одговор „а бе знаеш во нашиот Парламент сите се против вас“. Еве отприлика ова беше разговорот.“, рече Мицкоски.
Од друга страна, Главчев претходно кажа дека зборувал со Мицкоски за ставовите на Софија кои остануваат непроменети, како и дека за било каков дијалог во иднина најпрвин треба да се намали острината во јавните изјави.
„Говорот на омраза не би требало да се употребува. Прво со него треба да започнеме, за да можеме да водиме било какви други дијалози. Но, нашиот став не е променет.“, рече Главчев.
Инаку, по состаноците што ги имаше во Брисел, Мицкоски кажа дека треба да се гледа во суштината на проблемот и власта нема да се помести ниту милиметар без национален консензус.
„Јас предложив во Брисел – ајде да видиме дали е проблемот само промената на Уставот, еве вие пратениците во Европскиот парламент поднесете резолуција со која Европскиот парламент ќе изгласа дека постои многувековен македонски идентитет и дека мојот македонски мајчин јазик има многувековни корени, па да видите како ќе се однесуваат дел од вашите колеги.“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, проширувањето е процес на политичка волја и храброст.