Мицкоски: Капиталните инвестиции над 30% во првиот квартал, транспортот со реализација над 50%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал од годинава надминува 30 проценти, додека во секторот транспорт достигнува повеќе од 50 отсто од планираното.

Тој изрази задоволство од динамиката на изградбата на автопатите и очекува планираните рокови да бидат испочитувани. Изјавата ја даде по означувањето на почетокот на реконструкцијата на Аеродром „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Мицкоски информира дека проектот за автопатот Требениште – Струга – Ќафасан најверојатно ќе претрпи измени поради ограничувања поврзани со заштитеното подрачје на УНЕСКО, но разговорите се уште траат и конечна одлука не е донесена.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид автопат, премиерот посочи дека изградбата продолжува со средства што Јавно претпријатие за државни патишта ќе ги обезбеди преку заеми од домашни банки, откако финансирањето од кинеска банка било прекинато.

Тој нагласи дека Владата, и покрај наследените проблеми, продолжува со реализација на приоритетните инфраструктурни проекти и најави дека покрај постојните ќе се воведуваат и нови авиолинии. Од денеска почнуваат летовите на релација Охрид – Милано, а од мај се најавени и директни летови до Виена со Austrian Airlines. Покрај тоа, веќе функционираат линии и до неколку полски градови, меѓу кои Вроцлав и Катовице.