
На Самитот на НАТО во Вашингтон, македонскиот премиер Христијан Мицкоски на официјалните сесии го користеше уставното име Република Северна Македонија. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на брифинг со грчките новинари спомена дека Мицкоски на самитот го користел уставното име, но додаде дека дома ја нарекува својата држава ‘Република Македонија’, што е спротивно на Договорот од Преспа. Сепак, грчкиот премиер ги информирал останатите шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО дека е загрижен оти новото раководство на Северна Македонија не го спроведува клучниот член од Договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да го употребува ерга омнес.
„Договорите мора да се почитуваат. Тоа е нешто што го истакнав на Пленумот на НАТО и тоа е нешто што, мислам, го разбираат и сите наши сојузници. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европски пристап. Тоа, сепак, претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата очигледно ги има потпишано“, вели Кирјакос Мицотакис.
Поддршката за Украина беше клучна на самитот кој се одржуваше изминатите три дена овде во Вашингтон. Министерот за одбрана Владо Мисајловски во интервју за ТВ21 вели дека остануваме на позицијата за поддршка на Украина, открива дека е пристигнато и ново барање за донации, кое ќе се разгледува на наредните владини седници.
„Ние сме петта земја од сите овие земји членки по донации тука, и навистина за мала земја тоа е огромен успех и еве и претходната Влада тоа го правела за помош кон Украина и јас тоа го поздравувам апсоултно. Независно дали е од претходната или сега оваа Влада истото ќе го прави, тоа мора да продолжи бидејќи треба да им помогнеме во овие тешки времиња на Украина, но ќе гледаме се она што не е толку потребно во моментов на нашата армија да го вратиме. Да, како што споменавте има и дополнителни барања, но полека ќе ги разгледуваме и предлагаме на седница на Влада“, вели Владо Мисајловски.
И Мицкоски и Мицотакис, по Самитот заминаа за Њујорк, секој со сопствена агенда поврзана со домашните работи на двете држави. Мицкоски ќе се среќава со дијаспората во Њу Џерси, а Мицотакис најави дека ќе оди во Обединетите нации. Јовица Пауноски, ТВ21, Вашингтон.
