Мицкоски: Лица од СДСМ и ДУИ вршат притисоци врз пратеници – влезот на Алијанса за Албанците во власта е непотребен, вели Меџити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека лица од СДСМ и ДУИ вршат притисоци врз оние пратеници од власта кои, како што тврдеше тој, би гласале за распуштање на парламентот и за одржување предвремени парламентарни избори. Тој ова го изјави од Охрид откако вчера премиерот Димитар Ковачевски најави дека во алијансата за Европа кои ќе работат на уставните измени ќе влезат оние кои што се за европска Македонија, но дека тука не го гледа ВМРО-ДПМНЕ.

„Не би имало човек во парламентот кој не посакува рационален човек кој што и сака добро на Македонија а да не посакува избори, но оние полукриминални групи кои што високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје веќе почнуваат а вршат притисок врз тие пратеници. Јас сум убеден дека тие ќе останат доследни бидејќи борбата за Македонија нема цена, а криминалците еден ден ќе зажалат за ова што го прават“, вели Христијан Мицкоски.

На ова со реакција се јавија од СДМ во која велат дека Мицкоски се заплеткал во сопствените лаги и дека ниту има притисоци ниту распуштање на Собранието.

„Мицкоски се заплетка во сопствени лаги и денес, на голем православен празник мора да пласира нови. На почетокот на оваа година токму на Божиќ Мицкоски изјави дека на крај на јануари ќе собере 61 пратеник за распуштање на Собранието. Еве дојде крај на јануари нема распуштање Собранието и Мицкоски мора да пласира нови лаги за наводни притисоци на пратеници“, додаваат од СДСМ.

Но, се чини дека со се погласните најави дека е можно Алијанса за Албанците да станат дел од Владата, се ситни и опозициската сила во Собранието и бројот на пратеници за кои Мицкоски тврди дека се против власта се намалува. Претседателот Арбен Таравари вели дека во текот на викендов на партиските органи ќе се разговара за влезот во власта, а вели дека за тоа ќе разговарал и со американската амбасадорка Анџела Агелер. Против влезот на Алијанса се и од огнената група на ДУИ кои тврдат дека мнозинството е стабилно и дека тоа би било во функција на спас на Артан Груби. Сепак со влезот на Алијанса, огнената група на која и припаѓаат тројца пратеници од ДУИ така и би го изгубила влијанието со зголемувањето на парламентарното мнозинство.

„Во однос на мнозинството, непотребни се некои движења деновиве што се случуваат, бидејќи има стабилно мнозинство и се друго е во функција значи да се спаси Артан Груби. Нека влезе, цело време се збори едно друго но не гледам причина, останат е само еден буџет да се реализира, година пред изборите некоја опозициона партија да влезе во владин состав, но нивна одлука е, ако одлучат така тоа ќе бидат патерица на Артан Груби“, порача Изет Меџити.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека Алијанса за Албанците има проевропски концепт на државата и дека постојат големи шанси таа да биде дел од Владата. Сепак, додаде дека најпрво треба да се случи политички договор што ќе значи поделба на кадровски функции.