Мицкоски лобирал за извештајот: „Уставните измени се пред завесата – позади е нацијата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европа има шанса да исправи историска неправда – порача премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи да се изгласа Извештајот за Македонија во Европскиот Парламент со текстот кој го подготви известувачот Томас Вајц. За Мицкоски е очекувано што бугарски европратеник поднел амандман со кој бара пред зборовите „македонски идентитет и јазик“ да пишува „сегашен“.

„Тоа е суштината – создавање на нова, сегашна македонска нација, којашто почива на основите на бугарската нација. Тоа е суштината позади сето ова. Нема врска неколку стотина наши сограѓани во Преамбулата. Тоа е само пред завесата, позади завесата ова е суштината.“, рече Мицкоски.

Премиерот ја критикуваше претходната власт што го прифатила францускиот предлог.

„Секој оној кој не верува во ова или е политичка аналфабета или свесно сака да ги манипулира граѓаните.“, изјави Мицкоски.

Известувачот Вајц неодамна во интервју појасни зошто решил во текстот да ги спомене македонскиот идентитет и јазик.

„Македонскиот идентитет беше доведен во прашање, не само од бугарските соседи туку претходно и од грчките соседи, па потребно е да се спомене ова.“, вели Вајц.

Вајц очекува мнозинството европратеници да го поддржат неговиот, како што вели, конструктивен Извештај, додавајќи дека во него сепак пишува дека уставните измени се чекор за да се продолжи напред по евроинтегративниот пат. Расправата за Извештајот започнува во среда.