Мицкоски љубопитен за новата идеја за проширување на ЕУ – повторува дека нема да има отстапки за македонскиот идентитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски го потврди своето учество на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, каде што, како што истакна, ќе слушне повеќе за новите идеи и концепти за регионот. Во врска со идејата на германскиот канцелар Фридрих Мерц за нова динамика во проширувањето на ЕУ и постепена интеграција на Западен Балкан, Молдавија и Украина, Мицкоски вели дека овие предлози биле споменувани и претходно во рамки на Берлинскиот процес, но сè уште не се официјални и не може детално да се коментираат.

„Канцеларот Мерц најави ваков развој на настаните уште на состанокот на Берлинскиот процес во Лондон минатата година и јас тогаш го коментирав тоа – дека ќе има нови предлози, нови можности во регионот итн. Она што можам да го кажам во овој момент е дека сме љубопитни да дознаеме повеќе која е идејата. Тоа, претпоставувам, ќе се случи на самитот што ќе се одржи во Тиват од 4 до 5 јуни, јас ќе бидам таму. Со нетрпение очекувам да ги слушнам овие концепти и идеи. Откако ќе имаме повеќе содржина, тогаш ќе можеме и јавно да зборуваме“, вели Христијан Мицкоски.

Во однос на најавената посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, премиерот рече дека досега имале пријателски разговори и дека тој секогаш бил конструктивен за да се најде „решение за вештачкото и билатерално барање на една земја членка кон Македонија“.

„Сигурен сум дека за време на неговото присуство тука, и во периодот на билатералните средби ќе размениме повеќе идеи за тоа како може да се надмине прашањето. Ние многупати во јавноста ги покажавме нашите позиции. 9-40 Би било некултурно да се очекува ставот да се промени преку ноќ, бидејќи не се исполнети предусловите што ги очекуваме и ги заслужуваме“, вели Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, актуелната состојба е резултат на претходните владини политики кои, според него, со „авантуристички“ потези ја довеле државата во состојба на разочараност кај граѓаните и го блокирале почетокот на преговорите со Европската унија. Тој нагласува дека актуелната влада ќе се обиде да најде решенија за надминување на проблемите, но подвлекува дека нема простор за какви било отстапки во однос на националниот идентитет. Мицкоски додава дека државата дала многу во текот на последните децении без да добие ништо за возврат и без конкретни резултати во евроинтеграцискиот процес и дека, според него, не треба повторно да се влегува во нови „авантури“ без јасен завршеток на преговарачкиот процес.