Поради пад на температурите, почнува грејната сезона и за општините Чаир и Бутел односно за потрошувачите приклучени на системите за централно греење во Скопје, со кои управува Energy Ecolink како дел од групацијата Tessa Energy.
Energy Ecolink, топланата која ги снабдува со топлинска енергија жителите на Чаир и Бутел, е подготвена за грејната сезона 2026/2027 година, со фокус на сигурно снабдување, модернизација на системот и подобрување на услугите за потрошувачите.
Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но во согласност со регулативата може да започне и порано, во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12 °C.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 °C, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на РКЕ.
Според правилата, во месец октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува. При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува.
Во насока на унапредување на системот за централно греење, во рамки на Tessa Energy е предвидена инвестиција од над 2 милиони евра во нова когенеративна гасна постројка за комбинирано производство на топлинска и електрична енергија.
Една од очекуваните придобивки од инвестицијата е можноста за намалување на цената на топлинската енергија за граѓаните, покрај проширувањето на капацитетите и подобрувањето на ефикасноста на системот. Според најавите на Tessa Group, проектот треба да придонесе и за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје преку користење современи енергетски решенија.
Корисниците се повикуваат навремено да ги проверат своите внатрешни грејни инсталации и да обезбедат услови за непречено функционирање на системот.
