Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска по политичкото собрание на Европската народна партија, ги искажа своите впечатоци. Тој напомена дека со високи челници разговарале за различни теми како ветото од Бугарија и интеграцијата на земјата во ЕУ.
„Денеска заврши политичкото собрание на Европската народна партија, на маргините имав прилика да поразговарам со претседателот Пауло Рангел којшто доаѓа од нашата сестринска партија од Португалија, разговарав и со господинот Дејвид Мекалистер којшто е претседавач со Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент и дел од нашата сестринска партија ЦДУ од Германија.
Сето ова заврши со еден официјален состанок, со претседателот на Европската народна партија тоа е господинот Доналд Туск. Разговаравме за ветото од страна на Бугарија кон нашата Македонија и неправдата која му е нанесена на македонскиот народ, нација и македонската држава, затоа што после толку години, после толку успешни извештаи повее од петнаесет години ние сме уште во чекалницата и сме жртви на непринципиелни барања од страна на поедини земји членки на Европската унија. Јас не можам да се поистоветам со челниците на СДСМ и да доаѓам овдека во Брисел и да ја кодошам нашата Влада или да зборувам лошо тоа е проблем којшто ќе си го решиме дома, на избори и таму ќе ги поразиме и таму ќе зборуваме за нивниот криминал, корупција и погрешни политики и немањето реформи.
Тука зборував и практично барав соговорниците, од луѓето кои се дел Европската народна партија како што е Рангел, како што е Мекалистер и конечно Туск, да помогнат на Македонија и македонскиот народ да го добијат заслуженото, а тоа е конечно почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Македонија и македонскиот народ имаат пријатели овде во Брисел и тие ќе застанат позади интересите на нашата татковина, нашиот народ и очекувам веќе дека на следниот Самит на ЕУ кон крајот на оваа година таму во декември да конечно се вразуми нашиот источен сосед, односно политичарите кои ќе ја креираат новата влада, нормално тогаш ќе бидат веќе завршени и претседателските избори таму во Бугарија, ќе можат да го повлечат ветото, да се однесуваат европски и да може Македонија конечно да ги почне преговорите со Европската унија.“, рече Мицкоски.
„Прво тоа што го кажав е дека граѓаните на Македонија се разочарани затоа што 15 години сме во чекалницата иако имаме направено можеби изминативе 15 години суштински реформи кои се многу понапредни од некои земји членки на ЕУ. Македонија многу пати во минатото застанала во одбрана на интересите на европскиот континент и на самата ЕУ кога беше и последниот бран со емигрантите што се случуваше на нашата јужна граница. Македонските граѓани споделуваат европски вредности исти онакви какви што споделуваат и граѓаните на земји членки на ЕУ и тие заслужуваат и после сето она што го направија и после сите неправди кои се нанесоа на македонскиот народ да почнат преговори со ЕУ.
Ние тоа го заслужуваме и го бараме час поскоро да стане наша реалност, реков дека јас не сум како политичарите од СДСМ кои кога беа во опозиција кодошеа овде, навредуваа и молеа Бога Македонија да не успее за да можат тие политички да се реализираат. Напротив таа бита ќе ја оставам за дома и таму ќе ги поразиме на следните локални избори, а овде се бориме за Македонија, се бориме за македонскиот народ и бараме од нашите сестрински партии од нашите пријатели со луѓето со кои денес и утре ќе разговарам да ни помогнат конечно еве во декември е следната шанса на следниот европски совет, а зошто да не и порано Македонија да ги почне преговорите.
Затоа што без разлика дали сте вие во опозиција или сте во владата треба интересите на граѓаните да ви бидат приоритет. Политички измамници и политички циркузанти продефилирале и дефилираат на македонската политичка сцена, но она што ни е потребно е вистинска мисла вистинска идеја, вистински разговор и аргументи. Аргументите се на наша страна, на страната на македонскиот народ, македонските граѓани и нашата Македонија.
Погрешната политика дефинитивно и слабата дипломатија, ветувањата, преземените обврски една хаотична ситуација, што се не зборувале тука нашите перјаници во владата на Зоран Заев и СДСМ, што тој лично, што поранешниот министер за надворешни работи Димитров, или сегашниот Османи, што се немаат изнакажано, за жал нема никаква испорака.“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека македонскиот народ не е подготвен на повеќе отстапки, и дека Европа треба да си го испорача ветеното.
„Се разбира македонскиот народ повеќе не е подготвен на дополнителни отстапки, толку беше, тоа е мојата порака од овдека, сега треба еднаш Европа да си го испорача ветеното, а тоа е да Македониј почне со преговорите со Европската Унија. Не е тоа датум за Зоран Заев, датум за СДСМ, Бујар Османи и останатите, тоа е за граѓаните во нашата татковина и тие тоа го заслужуваат и тоа го заслужиле со своето однесување изминатите години“, вели Мицкоски.
