Два милиони патници за пола година на аеродромите во Скопје и во Охрид

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аеродромите во Скопје и во Охрид, продолжуваат да бележат силен раст на патничкиот сообраќај во првата половина од 2026 година.

Во периодот од јануари до јуни, двата македонски аеродроми со кои концесионира ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на АДП Групацијата, опслужија вкупно 1.955.648 патници, што претставува раст од 28% во однос на истиот период минатата година.

Во истиот период беа реализирани 13.167 летови од двата аеродроми, односно 7,6% повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година.

Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6% повеќе патници (374,714) во однос на истиот период лани.  

„Растот од 28% на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите.

Фактот што Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид заедно опслужија речиси два милиона патници за само шест месеци, истовремено бележејќи и раст од 7,6% на бројот на летови е резултат на нашата посветеност за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со нашите партнери. Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период“ вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 14,2% пазарен удел), а потоа следат Минхен Меминген (4,5%), Базел Милуз (4,4%), Дортмунд (4,1%), Цирих (4%) и Франкфурт (3,9%). 

Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови од Скопје се Германија (28,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (18%), Швајцарија (9,3%), Италија (8,2%) и Шведска (5,8%).   

Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле одделно, скопскиот аеродром има годишен висок пораст за 28,6% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1,833,010 патници. Во истиот период, на овој аеродром биле реализирани 12,260 летови што е за 6,5% повеќе споредено со истиот период лани.

Додека охридскиот аеродром бележи пораст од високи 18,2% со превезени 122,638 од јануари до јуни. Во овој период, биле реализирани 907 летови што е зголемување за 26%.