Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, нагласувајќи дека овој датум претставува важен симбол на националниот идентитет и духовната самобитност на македонскиот народ.
Тој истакна дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жив сведок на историјата, чувар на колективната меморија и најсилен израз на културната и националната посебност.
„Во неговите зборови се вткаени борбите, надежите и стремежите на генерации кои го граделе и зачувале нашето постоење“, порача Мицкоски.
Премиерот нагласи дека денеска постои јасна обврска јазикот да се негува, унапредува и достоинствено да се претставува, како во државата, така и на меѓународно ниво.
„Во време на предизвици, потребни се мудрост, единство и непоколеблива верба во вредностите што нè дефинираат“, додаде тој.
Мицкоски посочи дека државата останува цврсто определена да го заштити и афирмира македонскиот јазик како неотуѓиво културно и историско наследство.
„Нека 5 Мај биде потсетник дека преку јазикот ја чуваме душата на народот. Честит Ден на македонскиот јазик!“, порача премиерот.
