Премиерот Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на министерската Конференција за демографска отпорност 2026-2046. Мицкоски кажа дека демографската отпорност е најголемиот предизвик во годините кои доаѓаат, и дека младите не смеат да ја доживуваат државата како место од кое треба да заминат за да успеат.
„Затоа денес мора искрено да признаеме дека најголемиот предизвик не е само демографската промена, туку јазот во демографската отпорност. Тоа е неспособноста на системите навреме да ги препознаат промените и да се адаптираат со мудри, инклузивни и долгорочни политики.
Тој јаз се чувствува низ целиот регион на Источна Европа, генерално Европа, би рекол, и Централна Азија. Некои држави се соочуваат со огромен раст на младо население и потреба од нови можности. Други пак, се соочуваат со стареење на населението, намалување на работоспособната популација и сериозен одлив на човечки капитал.
Ние не бегаме од таа реалност. Напротив. Ја признаваме отворено и одговорно.
Свесни сме дека нискиот наталитет, иселувањето и одливот на млади и образовани луѓе се прашања што не можат да се решат преку ноќ. Но, исто така сме свесни дека државата не смее да стои настрана и пасивно да ги набљудува процесите.
Нашата определба е јасна — наместо политика на страв, градиме политика на отпорност. Наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија. Наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија.
Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046. Не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата.
Оваа стратегија е изградена врз едноставна, но суштинска идеја — дека најголемата сила на една држава не се ресурсите, не се бројките, туку луѓето.
Таа не се темели на изолирани мерки и ад хок политики. Таа претставува сеопфатен пристап што ги поврзува економијата, образованието, здравството, трудот, социјалната политика, домувањето, дигиталната трансформација и регионалниот развој.
Нашата визија е да изградиме држава во која млад човек ќе има причина да остане. Во која семејствата ќе имаат сигурност. Во која жените ќе имаат еднакви можности. Во која стареењето нема да значи изолација, туку достоинствен и активен живот.
Патот до таа цел бара ангажман на целото општество и координиран пристап на целата Влада.
Прво, мора силно да инвестираме во човечкиот капитал. Без квалитетно образование, современи вештини и достапно здравство нема економија што може да биде конкурентна. Ниту пак држава што може да биде отпорна. Нашите луѓе мора да бидат подготвени за новата економија, за новите технологии и за пазарот на труд кој брзо се менува.
Второ, мора да ги зајакнеме семејствата и младите. Младите не смеат да ја доживуваат државата како место од кое треба да заминат за да успеат. Туку како место каде можат да ја реализираат својата иднина. Затоа потребни се политики што ќе овозможат подобар баланс помеѓу работата и семејниот живот, поддршка за младите родители, инвестиции во детска заштита, подобри услови за вработување и пристапно домување.
Трето, мора да создадеме вистински инклузивни општества. Не смееме да дозволиме ниту една категорија граѓани да остане на маргините. Жените, младите, лицата со попреченост, постарите граѓани — сите тие имаат огромен потенцијал што мора да биде препознаен и вклучен во економскиот и јавниот живот.
И четврто, мора да ја трансформираме миграцијата од загуба во можност. Нашата дијаспора е огромен потенцијал. Таа носи знаење, искуство, капитал и меѓународни врски. Наша задача е да создадеме услови тие луѓе повторно да ја видат татковината како место за живот, инвестиции и иднина. Наместо „одлив на мозоци“, мора да создадеме „прилив на знаење, идеи и искуство“.
Овие политики не можат да бидат одвоени една од друга. Тие мора да функционираат како еден заеднички систем. Само така ќе изградиме вистинска демографска отпорност“, рече Мицкоски.
