Земјите од Западен Балкан се обврзаа да изградат заеднички регионален пазар како предуслов за зачленување во Европската Унија. На состанокот на Берлинскиот процес, државната делегација ја предводи прмеиерот Христијан Мицкоски кој го потпиша Акцискиот план, а преку него, како што напиша премиерот на социјалните мрежи, се отвораат врати за поголем развој и нови можности за компаниите. Сепак, во фокус на состанокот во Берлин беше процесот на проширување на Унијата со земјите од регионот.
На состанокот присуствуваше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која нагласи дека проширувањето е во врвот на агендата на Унијата. Таа ова го образложи со руската агресија врз Украина. Фон дер Лајен повика земјите-кандидатки да ги избегнуваат конфликтите и да работат на создавањето на заеднички пазар.
„Колку повеќе земји кандидатки се движат напред толку е подобро, но има разлики во брзините и постигнувањата, па ќе видиме што ќе се случи на крајот. Сепак, треба многу јасно да се држиме до принципот дека станува збор за процес базиран на заслуги“, изјави претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен.
Домаќинот, германскиот канцелар Олаф Шолц изрази надеж дека нема да се потребни уште десет години за шесте земји од Западен Балкан да се приклучат во Унијата.
„Европската Унија ќе биде целосна само со Западен Балкан како дел од неа“, изјави канцеларот н Германија, Олаф Шолц.
Премиерот Мицкоски оствари и билатерална средба со Шолц, на која се разговарало, како што истакна, за потребата да се вреднуваат нашите напори на патот кон ЕУ каде за влез предолго чекаме, за потребата за внесување на енергија и динамизирање на процесите.
