Намалување на цената на дизел горивото од 6 до 6,5 денари по литар, а цената на бензините да остане иста или да се зголеми за половина денар. Ова се очекувањата на премиерот Мицкоски базирани врз пресметките на Владата. Регулаторната комисија за енергетика, одлуката ќе ја донесе во понеделник. А Владата утре на седница ќе продолжи дел од мерките чија важност истекува во понеделник. Планот е ДДВ-то кај бензините да се врати на 18%, а да остане по два денари намалувањето кај акцизите и кај бензините и кај дизелот.
„Преговараме со Окта, да видиме како ќе биде. Можеби од таму да добиеме дополнителен попуст, барем за втората половина, односно за првата половина на месец јуни. Кога ќе ги имаме предвид сите овие мерки тогаш очекувам цената на бензините да остане иста или да има мало наголемување од половина денар, а дизелот да поевтини околу 6,5 денара, 6 до 6,5 денара“, вели Христијан Мицкоски.
Дека утре ќе има владина седница за продолжување на мерките, вчера најави и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, во емисијата Бизнис 21. Тој кажа дека ребалансот на буџетот е при крај и до средината на јуни ќе биде доставен на Влада. За мерки околу инфлацијата и растот на цените на храната за сега се уште се размислува. Но, Јанкуловски вели ако има потреба од таргетирани мерки за најзагрозените граѓани и компании, тогаш ќе се најдат пари во државната каса.
„Тоа се мерки кои што се преговараат во овој момент и со министерството за економија и со министерство за социјална политика, се додека не ги дефинираме конкретно , не можам во овој момент да ви прецизирам“, вели Николче Јанкуловски.
-Сепак планирате во ребалансот?
„Доколку продолжи ова ниво на цени, доколку успееме да ги стабилизираме со ова претходно што ви го кажав со мерки на централната власт, тогаш нема ни да има потреба од дополнителни таргетирани мерки“.
Инфлацијата во април достигна 5,7 проценти, а кај храната изнесуваше 8 проценти. Јанкуловски потврди дека со ребалансот на буџетот ќе се корегира нагоре стапката на инфлација за годинава од планираните 2,5 на 4 проценти. Корекции ќе има и кај растот на БДП кој ќе се намали од планираните 3,8 на 3,5 проценти.
