Мицкоски: Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030 е одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество и држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека дигиталната трансформација е клучен предуслов за модерна, ефикасна и правична држава, нагласувајќи дека Владата има јасна визија и план за изградба на „паметна Македонија“ до 2030 година.

На промоцијата на Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030, Мицкоски истакна дека документот не претставува само визија, туку и конкретен патоказ за тоа како државата ќе одговори на реалните општествени и економски предизвици во следната деценија.

Според него, дигиталната трансформација не се сведува само на воведување нови технологии, туку подразбира длабоки системски промени во начинот на функционирање на институциите, односот кон граѓаните и бизнисите, како и во културата на јавната администрација. Целта, како што нагласи, е поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, поголема транспарентност и отчетност, како и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.

„Дигитализацијата е еден од нашите клучни стратешки приоритети затоа што дигиталната држава е предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата. Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна“, порача премиерот.

Тој посочи дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е усогласена со Националната развојна стратегија 2024 – 2044 и со европските дигитални стандарди, при што посебен акцент се става на развојот на човечкиот капитал, дигиталните вештини и јакнењето на ИКТ-секторот. Мицкоски нагласи дека нема силна економија без дигитално писмени граѓани и иновативен технолошки сектор.

Стратегијата, како што беше истакнато, ги опфаќа сите клучни области – од јавната администрација, образованието и здравството, до економијата и локалниот развој, а воедно ги адресира и приоритетите од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Ова, според премиерот, е јасен сигнал дека државата е подготвена за усогласување со европското законодавство во областа на електронските комуникации, дигиталните регистри, услугите во облак и електронската идентификација.

Мицкоски потенцираше дека стратегијата сама по себе не е доволна и дека Владата има обврска визијата да ја претвори во конкретни политики и мерливи резултати кои граѓаните директно ќе ги почувствуваат во секојдневниот живот.

„СМАРТ/МК 2030 не е документ за една институција или една влада. Таа е заедничка обврска на институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество“, рече премиерот, нагласувајќи дека само преку партнерство и доверба може да се изгради дигитална држава што ќе биде двигател на економскиот раст и подобар квалитет на живот.

На крајот, Мицкоски упати благодарност до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за неговиот ангажман во подготовката на стратегијата, порачувајќи дека целта е јасна – паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година.