Не можеме да бараме привремена работа во туристички земји, да плаќаме даноци во странска држава, а потоа да доаѓаме во Македонија и да бараме бесплатен здравствен систем и да го критикуваме системот! Треба да придонесуваме во домашната економија ако сакаме да го изградиме системот на државата и ако сакаме истиот да ни возврати, беа дел од пораките што премиерот Христијан Мицкоски им ги упати на младите.
-Мојата порака до младите кои мислат дека неколку месеци работа во некоја туристичка дестинација се доволни за да сонуваат за својата иднина – грешат! Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку повеќе работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Не придонесувајте некаде надвор, во туѓи економии. Дома се гради иднината на татковината, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за социјална политика Фатмир Лимани изјави дека светот се соочува со сериозни демографски предизвици и дека е потребна заедничка акција за нивно надминување. Поради тоа, Владата подготвува национална стратегија за демографски развој и отпорност, со фокус на младите, поддршка на семејствата, спречување на иселувањето и инвестирање во образование, вештини, иновации и човечки капитал.
-Стратегијата обезбедува мултисекторски пристап кон демографската иднина, со фокус на инвестирање во човечкиот капитал, зајакнување на семејствата и младите, социјална вклученост и политики за циркуларна миграција, мобилност и улогата на дијаспората во градењето долгорочна демографска отпорност, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Ова беше кажано на Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност, организирана од Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации.
