Едночасовната средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и не донесе некакви конкретни резултати. Мицкоски на почетокот на изјавата рече дека кај претседателот наишол на разбирање за случајот со осудените за 27 април, Пендаровски пак, вели дека не прифаќа релативизирање на настаните бидејќи и самиот бил нападнат на 27 април. Рече дека со Мицкоски не посветиле многу внимание за ова и разговарале многу кратко.
„Врз основа на овие докази да има судски процес во кој што никако овие луѓе не можат да обвинети и не постои основа да бидат обвинети за терористичко однесување односно терористички напад би рекол на уставниот поредок на државата и да бидат прогласени за терористи. Ние не бараме амнестија, не бараме милост туку бараме правда за осудените лица“, истакна Христијан Мицкоски.
„Не правам ревизија на судската пресуда бидејќи не гледам причина за такво нешто. Тоа е завршена работа, луѓето лежат во затвор, ниту велам дека пресудата е донесена без докази. Инаку, верувале или не, од околу 60-ина минути разговор со господинот Мицкоски одвај 4-5 минути разговаравме за 27 април“, посочи Стево Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев коментирајќи ја средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека не очекува ништо кога станува збор за настаните од 27 април.
„Не очекувам ништо. Убаво е што има дијалог, но во однос со прашањето на 27 април не очекувам ништо. Не може претседателот да аболицира и амнестира настани кои се поврзани со дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Ниту пак е дозволива таква работа. Но, од разговор нема зијан. Нека направам муабет“, вели Зоран Заев.
На средбата меѓу Пендаровски и Мицкоски се разговарало и за актуелната политичка ситуација, но и за евроинтеграциските процеси и отворените прашања со Бугарија.
