Мицкоски: Не сум рекол дека ќе има предвремени избори – од СДСМ со став дека Мицкоски лаже и повторно капитулира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако претходно беше навестено дека ќе се работи и во текот на викендов претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја прекина седницата и рече дека поради претстојниот верски празник , Прочка , ќе продолжи во понеделник. Опозицијата во изминативе денови во своите дискусии критикуваше дека реконструкцијата на Владата не е поради програми и принципи, туку за пазарење и ја сметаат како лош потег за да ја одржи во живот оваа Владата уште некое време. Од СДСМ пак велат дека со оваа реконструкција тие докажале дека Христијан Мицкоски ги лажел граѓаните дека ВМРО-ДПМНЕ има ново парламентарно мнозинство и дека ќе има предвремени избори.

„Мицкоски најавуваше дека кон средината или крајот на февруари ќе обезбедел 61 пратеник кои ќе гласале за распуштање на Собранието а веќе во мај ќе се одржеле предвремени парламентарни избори. Февруари изминува а од најавите дека Мицкоски ќе направи нешто, нема ништо. Не само што нема 61 пратеник за распуштање на Собранието туку има зајакнато и зголемено парламентарно мнозинство. Мицкоски слободно може да прогласи капитулација затоа што се што тој најавува на крајот се случува спротивното“, изјави Дарко Каевски од СДСМ.

СДСМ се обидува да ја дефокусира јавноста и манипулира дека сум рекол дека ќе има предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски.

„Многу бевме внимателни и цело време внимававме што зборуваме и цело време велевме дека има сигнали од пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери дека се незадоволни од односот на раководството на Владата на ДУИ поддржано од СДСМ и дека може кога ќе дојде денот да излезат надвор од таа Влада. И сега тие знаете што сакаат тука да ги растураат пердувите па да речат еве Мицкоски кажа, а не сум кажал, дека ќе има предвремени избори па на тој начин да ме девалвираат мене“, изјави Мицкоски.

Мицкоски рече дека и натаму ќе продолжат да откриваат криминал, на како што рече Владата на ДУИ поддржана од СДСМ.