Нема цена што би нè натерала да влеземе во авантури без да знаеме дека таа авантура ќе има јасно определен крај – со ваков став премиерот Христијан Мицкоски ќе замине на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват. Ниту по вчерашната средба со претседателот на Европскиот совет, Кошта, тој не попушта околу уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот без да добие гаранции за конечниот исход. Дури и од информациите што ги добил по средбата на министерот за надворешни работи на Македонија со неговата бугарска колешка, Мицкоски рече дека смета оти во Бугарија драматично се радикализира состојбата и дека уставните измени не се единствениот услов за да се влезе во процесот и истиот да се доведе до крај.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, изјави дека ставовите на Кошта биле јасни – уставните измени се единствениот пат за продолжување на евроинтеграциите. Според Филипче, тоа ја покажува вистината дека нема дополнителни гаранции ниту дополнителни услови и дека сè друго е измислица на власта. Барајќи референдум на кој граѓаните би одлучиле за европската иднина на земјата, Филипче обвини дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дошле на власт со лаги и така продолжуваат да владеат.
Инаку, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вчера за време на посетата на Скопје истакна дека усвојувањето на договорените уставни измени е неопходен услов за формално продолжување на пристапните преговори и за целосно деблокирање на интеграцискиот процес.
„Што се однесува до процесот, ние усвоивме преговарачка рамка и тоа е она што треба да го исполниме како обврска за да продолжиме напред во процесот на пристапување. Ништо повеќе… и ништо помалку.“, рече Кошта.
Кошта исто така кажа дека проширувањето на Европската Унија останува заедничка цел и дека Македонија постигнала значителен напредок во реформската агенда. Тој повторно ја потврди поддршката на Европската Унија за европската перспектива на земјата, оценувајќи го напредокот во клучните реформи, како што се владеењето на правото и јавната администрација.
