Мицкоски: Нема уставни измени по секоја цена, без јасен исход и гаранции за македонскиот идентитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата нема да прифати уставни измени под услови кои, како што рече, директно го засегаат македонскиот идентитет, доколку за процесот нема јасна предвидливост и конечен исход.

Тој посочи дека актуелната позиција на Владата е резултат на, како што оцени, погрешните политики на претходната власт, но нагласи дека станува збор за историски процес во кој државата ќе продолжи да се бори за своите позиции.

– Поради лошите криминални и предавнички политики на претходната влада нашата позиција е таква каква што е. Но ова се историски процеси, ние ќе се бориме. Кај нашиот источен сосед политичарите за да го применат принципот на Живковизмот чекаа децении да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години. Така што, ако треба и ние ќе чекаме децении. Но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет, а од една страна не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, немам намера додека јас сум претседател на Владата по било која цена да влезам во една таква авантура, изјави Мицкоски.

Изјавата ја даде на новинарско прашање по почетокот на реконструкцијата на Аеродром „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Говорејќи за позициите на Европска Унија, која инсистира на вметнување на Бугарите во Уставот како услов за напредок во евроинтеграциите, премиерот повтори дека Владата нема намера по секоја цена да прифати такво решение.

– Ние не го игнорираме слонот во собата, тој е тука и го донесоа претходните. Но без јасен крај на процесот, без да знаеме што добива македонската заедница во Бугарија и без јасни заклучоци од Европскиот совет, немаме намера да влегуваме во авантура која повторно би нè одвела во политичко мочуриште, рече тој.

Мицкоски нагласи дека приоритет на Владата остануваат реформите и исполнувањето на обврските во процесот на евроинтеграции. Според него, целта е државата да остане меѓу водечките кандидати во регионот, но без компромиси кои би ја загрозиле националната позиција.

– Ќе ја завршиме нашата домашна задача и ќе ги испорачаме сите обврски од реформската агенда. Нашата цел е да бидеме вистински фронтранери меѓу земјите од Западен Балкан и да ги реализираме сите акциски планови, вклучително и Акцискиот план за малцинства. Но ако условот е промена на Уставот, а во сите други сегменти сме најдобри, тогаш жалам, но без исполнување на другите детали овде нема простор за договор, изјави премиерот.

Тој додаде дека евентуалната одлука за уставни измени зависи од најголемата политичка партија во земјата, ВМРО-ДПМНЕ, и нејзиното раководство.

– Ако некој мисли дека повторно ќе најде марионети кои ќе носат одлуки на штета на државата, се лаже. Така оваа работа нема да функционира, потенцира Мицкоски.