Надворешната задолженост на Македонија бележи значителен раст во првите три месеци од годинава. Новите податоци покажуваат дека обврските кон странство се зголемиле за повеќе од 740 милиони евра, при што клучен фактор за зголемувањето е државното задолжување преку издавањето на нова еврообврзница.
Според статистиката на Народната банка, бруто надворешниот долг на крајот од март достигнал 12,94 милијарди евра, што претставува 70,5 проценти од проектираниот бруто-домашен производ за 2026 година. Во однос на последниот квартал од минатата година, долгот е зголемен за 741,5 милиони евра, односно за 6,1 проценти.
Најголемиот дел од растот се должи на јавниот сектор. Државниот надворешен долг се зголемил за 461,4 милиони евра и достигнал 5,9 милијарди евра. Според податоците, главен придонес имала новата еврообврзница вредна една милијарда евра, со која воедно бил извршен предвремен откуп на дел од претходна обврзница во износ од 384 милиони евра.
Паралелно со државата, и приватниот сектор ја зголемил изложеноста кон странски кредитори. Приватниот надворешен долг во првиот квартал пораснал за 280,1 милион евра и достигнал 7,04 милијарди евра.
Најголемиот дел од ова зголемување произлегува од задолжувањето меѓу капитално поврзани компании, но раст е забележан и кај обврските на банките и останатите приватни субјекти.
Во истиот период зголемени се и побарувањата на македонските компании и институции од странство. Бруто надворешните побарувања на крајот на март изнесувале 8,14 милијарди евра, што е раст од 523,1 милион евра или 6,9 проценти во однос на крајот на 2025 година.
Сепак, растот на долгот бил поголем од растот на побарувањата, поради што нето надворешната задолженост дополнително се зголемила. Таа на крајот на март достигнала 4,8 милијарди евра, односно 26,2 проценти од проектираниот БДП. Во споредба со крајот на минатата година, нето долгот е повисок за 218,5 милиони евра.
Во структурата на нето надворешниот долг најголемо учество и натаму има приватниот сектор, кој носи 68 проценти од вкупната нето задолженост.
Податоците на Народната банка покажуваат и натамошно влошување на меѓународната инвестициска позиција на земјата. Негативната нето меѓународна инвестициска позиција достигнала 9,01 милијарди евра, што е 49,1 проценти од проектираниот БДП за годинава.
Во првите три месеци од годината негативната позиција е продлабочена за 258,9 милиони евра, бидејќи обврските кон нерезидентите растеле побрзо од средствата што домашните субјекти ги имаат во странство.
Обврските се зголемиле за 923 милиони евра, додека средствата пораснале за 664 милиони евра.
Најголем дел од негативната меѓународна инвестициска позиција, односно 96 проценти, се однесува на директни инвестиции, при што најзначаен дел е поврзан со сопственички капитал.
Иако односот на надворешниот долг кон БДП е благо подобрен поради растот на економската активност, апсолутните показатели покажуваат дека Македонија продолжува да го зголемува задолжувањето кон странство, особено поради финансирањето преку меѓународните пазари на капитал.
