Потребата од мир, дијалог и одговорно лидерство била во фокусот на панел-дискусијата на високо ниво насловена „Reaffirming the promise of peace: using the power we have“, на која учествуваше премиерот Христијан Мицкоски во рамки на престојот во Њујорк.
Како што информираше Мицкоски преку објава на Фејсбук, домаќин на панелот бил претседателот на Финска, Александер Стуб.
На дискусијата, според објавата на премиерот, се разговарало за важноста на мирот, дијалогот и одговорното лидерство, како и за улогата на државите и меѓународните институции во справувањето со глобалните предизвици.
Мицкоски во Њујорк остварил и средба со Стуб, на која, како што наведува, било истакнато значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа.
„Македонија останува посветен партнер во напорите за мир, стабилност и соработка, како членка на НАТО и земја стратешки определена кон европската интеграција“, порача Мицкоски.
Премиерот со владина делегација престојува во Њујорк во рамки на активностите поврзани со 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
