Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, порача дека Северна Македонија има јасна стратешка ориентација – членството во НАТО, стратешкото партнерство со САД и полноправното членство во Европската Унија.
Мицкоски истакна дека во време на зголемена глобална конкуренција, промените во технологијата, енергетиката и безбедноста, малите држави особено зависат од меѓународен поредок заснован на правила. Според него, меѓународните институции мора да обезбедат еднакво почитување на правилата и поголема предвидливост за помалите држави.
Говорејќи за европската интеграција, тој порача дека земјата не бара полесен пат, туку процес заснован на јасни и мерливи критериуми. Во исто време, Мицкоски нагласи дека Северна Македонија има обврска да ги спроведува реформите дома, да го зајакнува владеењето на правото и институциите и да ја зголемува довербата на граѓаните.
Во делот на инфраструктурата, премиерот го истакна значењето на забрзаниот развој на Коридорите 8 и 10, оценувајќи дека тие се дел од пошироката европска визија за поврзување на Јадранското, Јонското и Црното Море со Централна Европа и Азија.
Мицкоски се осврна и на енергетската безбедност, дигиталната инфраструктура, вештачката интелигенција, миграцијата и климатските промени. Тој повика на реформирање на Обединетите нации со цел организацијата да биде поефикасна во спречувањето конфликти, заштитата на човековото достоинство и зачувувањето на меѓународниот поредок.
На крајот од обраќањето, Мицкоски порача дека иако Северна Македонија е мала земја, не дозволува големината на нејзината територија да ја одредува големината на нејзините амбиции.
