Мицкоски од Штип до студентите: „Каде и да одите, вратете се дома со знаење, со искуство, со идеи и со сила за заедно да ја градиме нашата Македонија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, од каде упати порака до студентите за значењето на образованието, стекнувањето знаење и личниот развој.

Мицкоски им порача на младите да ја користат секоја можност за учење и напредување, да патуваат и да го запознаваат светот, но истовремено да не забораваат на својата земја.

„Каде и да одите, вратете се дома. Вратете се со знаење, со искуство, со идеи и со сила за заедно да ја градиме нашата татковина Македонија“, порача Мицкоски.

Тој посочи дека патот пред младите ќе биде исполнет со различни предизвици, успеси и неуспеси, но оти токму тие искуства придонесуваат за нивниот развој.

„Ќе има предизвици, подеми и падови, но токму тие ќе ве изградат“, наведе премиерот.

Во обраќањето до бруцошите, Мицкоски порача дека младите имаат значајна улога во иднината на државата и ги повика да работат за себе, своите семејства и за Македонија.

„Иднината на една држава ја создаваат токму младите луѓе кои веруваат во неа и се подготвени да се борат за нејзиниот успех“, порача Мицкоски.

На крајот, тој им посака успех на сите бруцоши на почетокот на нивното студирање.