Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, во ексклузивно интервју за МИА од Вашингтон говори за односите и соработката меѓу Македонија и САД, како и за можностите за реализација на значајни енергетски и инфраструктурни проекти.
Мицкоски оценува дека односите со Вашингтон се на високо ниво и дека Македонија има значајно место во американската политика кон регионот.
Според него, поддршката од САД кон Македонија останува непроменета, не само во рамки на НАТО, туку и во економијата и во областа на инвестициите.
– Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа и дека нивната поддршка останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија – вели премиерот Мицкоски.
