Мицкоски: Високата технологија е неповратен процес, Македонија мора да го искористи за економски развој

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Развојот на високата технологија и изградбата на податочни центри се процеси кои се неповратни и Македонија треба да најде начин да извлече максимална економска корист од нив, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.

Мицкоски посочува дека Владата разговара со повеќе компании за потенцијални инвестиции во високотехнолошкиот сектор, меѓу кои и со Крис Павловски, основачот на платформата „Rumble“.

„Тоа е процес кој е неповратен. Човештвото ќе се движи во таа насока. Прашањето е како да го канализираме овој процес и да извлечеме максимум од него“, вели Мицкоски.

Премиерот потврдува дека Владата разговара со Павловски, но додава дека во тек се разговори и со уште пет компании за потенцијални инвестиции.

Тој оценува дека дискусиите за влијанието на дата-центрите врз животната средина и нивните технички аспекти често се водат без доволно разбирање на високата технологија.

„Сите кои не се разбираат во високата технологија зборуваат за бучава, за водено ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење“, вели премиерот.

Според Мицкоски, вложувањето во високотехнолошкиот сектор е дел од поширока економска стратегија на Владата, чија цел е забрзување на економскиот развој и зголемување на животниот стандард.

Тој ја опишува стратегијата преку три клучни столба – инфраструктура, енергетика и висока технологија.

„Што е главната цел на оваа Влада? Економски развој кој што ќе се темели на три столба – инфраструктура, патна и железничка. Енергетска инфраструктура, производни капацитети и преносни системи. Трето – висока технологија меѓу која се и податочните, дата центри“, вели Мицкоски.

Во рамки на третото подрачје, според премиерот, е и диверсификацијата на преработувачката индустрија. Тој посочува дека значаен дел од странските инвеститори кои дошле во земјава во периодот од 2008 до 2012 година се концентрирани во автомобилската индустрија, но дека условите во овој сектор се менуваат.

„Таму работите се менуваат, и работиме на диверсификација на ова портфолио“, истакнува Мицкоски.

Премиерот смета дека Македонија во иднина ќе има сè поголем недостиг од работна сила, поради што економскиот модел треба да се насочи кон индустрии со повисока продуктивност и поголема додадена вредност.

„На нас ни треба високо технолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која што ќе го зголемиме бруто домашниот производ, и ќе го зголемува стандардот на граѓаните“, вели тој.

Мицкоски нагласува дека промената на економскиот модел не може да се реализира во еден владин мандат, туку, според него, треба да биде долгорочна национална стратегија.

„Овој процес нема да биде за еден мандат. Ова е процес кој што треба да трае 2-3-4 мандати. Не велам дека оваа Влада ќе биде толку долго, ниту пак јас пледирам да бидам претседател толку долго во Владата. Но во суштина ова треба да биде национална стратегија, како треба да се развива државата“, вели премиерот.

Тој додава дека дигитализацијата и вештачката интелигенција веќе се составен дел од секојдневното функционирање на современото општество.

„Овој процес е неповратен. Човештвото оди натаму и впрочем ние денес без вештачка интелигенција и некои податочни центри кои што некаде функционираат веќе не можеме да направиме ниту телефонски повик преку мобилен телефон“, истакнува Мицкоски.