Студентите бараат повисока субвенција за оброк и попуст за меѓуградски превоз, Јаневска: Запознаени сме, размислуваме за промена на методологијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Студентите бараат Министерството за образование и наука да ги прифати барањата за зголемување на надоместокот за студентски оброк, субвенционирање на меѓуградскиот превоз и подобрување на условите во студентските домови.

Од платформата на студентските организации „Студентарија“ предлагаат субвенцијата за студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, а ги повторија и барањата за воведување попуст за билетите во меѓуградскиот јавен превоз, по неговото неодамнешно поскапување.

Освен тоа, студентите посочуваат дека и оваа академска година некои од нив имаат проблеми да го остварат правото на субвенциониран студентски оброк. Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, изјави дека дел од студентите биле одбиени затоа што службите не ги доставиле навреме списоците на редовно запишани студенти до МОН.

Министерството е запознаено со барањата и проблемите на студентите и се разгледуваат можностите за нивно решавање, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Иницијативата за зголемување на сумата е доставена до Министерството за образование и наука. Веќе почнавме да размислуваме за промена на методологијата“, изјави Јаневска, укажувајќи дека според сегашната методологија и пресметките засновани на стапката на инфлација, студентскиот оброк би требало да се зголеми за седум денари, односно да изнесува 147 денари.