Премиерот Христијан Мицкоски изрази жалење поради тоа што опозицијата ја критикува одлуката на САД за запирање на издавањето емигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и Република Северна Македонија. Тој нагласи дека критиките доаѓаат по претходните остри напади кон други стратешки партнери, како Обединетото Кралство.
-Станува збор за емигрантски визи, а не за визи за студирање или туристички посети. Верувам дека во наредните денови ќе има позитивни вести за македонските граѓани, со оглед на нашата соработка со стратешките партнери. Жалам што опозицијата, по претходните критики кон Обединетото Кралство, сега ја повторува истата практика кон САД – истакна премиерот Мицкоски.
Тој потсети на наметнатите трговски тарифи од 35 проценти, кои подоцна беа намалени на 15 проценти, додавајќи дека опозициските претставници не се извиниле за нивните пораки во тој период.
За време на денешниот престој во Кратово, премиерот потврди дека Владата ја утврдила квотата за издавање визи за работа на странски државјани во земјава.
-Визи се издадени за сите сектори каде што имаше потреба, согласно податоците од стопанските комори и работодавачите. Не се предвидени дополнителни отстапувања – нагласи Мицкоски.
