Мицкоски оптимист по средбата со Макрон – Радев: Секоја земја-кандидат да ги исполни меѓународните обврски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Средба Мицкоски – Радев во Будимпешта не се оствари. Сепак, бугарскиот претседател во говорот на Самитот на Европската политичка заедница порача Унијата да обрне поголемо внимание на процесот на проширување. Тој кажа дека овој процес ќе ја гарантира безбедноста на Западен Балкан, но додаде дека секоја земја-кандидат за да се зачлени мора да гради добрососедски односи и да ги исполнува меѓународните обврски и решенија на Унијата. Од друга страна, домашните власти се вратија со оптимизам за евроинтеграцијата, особено по билатералната средба на премиерот Мицкоски со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Емануел Макрон во моментов е неспорно лидер во Европа, политичар којшто има највисока поддршка и најстабилен мандат во рамки на Еу во од сите големи земји-членки. На конференција којашто трае само еден ден да одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија мислам дека многу говори и за личниот авторитет којшто го има премиерот Мицкоски и за угледот којшто го ужива Македонија“, порача Александар Николоски.

Деталите од средбата, но и темелите на оптимизмот, засега не се откриваат. Мицкоски кажа дека со Макрон зборувал за деблокада на процесот, но и дека после Самитот во Будимпешта е се повеќе оптимист дека, како што вели, ќе нѐ биде.

„Ќе продолжиме да се бориме за Македонија, и во неделите, месеците, годините коишто ни следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму кадешто заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна, а местото наше е во рамките на Европската Унија“, вели Христијан Мицкоски.

Додека властите во Будимпешта градеа позиции за гаранции дека во иднина нема да се билатерализира преговарачкиот процес, идната еврокомесарка за проширување Марта Кос, од Брисел истакна дека очекува Македонија да го смени Уставот – ништо повеќе, ништо помалку.