ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени парламентарни избори. Лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски рече дека на Македонија и треба стабилна влада, затоа треба да се закажат избори на есен оваа година. Владејачките партии се против избори, меѓутоа Мицкоски веќе почнал средби со албанските партии од опозицијата.
На прашањето доколку евентуално се одржат избори, дали е можно да бидат на заедничка листа со Движење Беса, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека сите опции се отворени и дека е добредојден секој што е против владата СДСМ-ДУИ.
Но, заменик претседателот на Беса, Арјанит Хоџа беше дециден во ставот за предизборни коалиции со македонските партии. На Фејсбук напиша дека коалиција може да има само по парламентарните избори и тоа со договор за партнерство за водење на државата согласно општествената реалност.
„Беса во текот на своето политичко дејствување докажа долгорочно гледање на политиката давајќи шанса за предизборни коалиции но епилогот на таа коалиција заврши без да се прочита точно и правилно целта на Беса, затоа во иднина нема да дозволиме визијата на Движење Беса да се користи како спас на македонските партии туку ќе ја продолжиме визијата за иднината на оваа држава, да ја изградиме дејствувајќи заедно со сите албански политички фактори што ќе донесе промени внатре во албанскиот политички спектар, испраќајќи ја ДУИ во опозиција“, вели Хоџа.
Отворен за соработка со сите партии оставајќи ги настрана политичките инаети, е и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Но на прашањето за соработка со Движење Беса, Гаши вака одговори:
-Јас го кажав условот, ние може да соработуваме или не поради вредностите и принципите што ги промовираме и реков дека доколку една партија не промовира концепт и систем на вредности какви што ние промовираме, нормално дека нема да соработуваме. Но, вратата е отворена за секоја партија, доколку не соработуваме за едно прашање, може да соработуваме за други прашања со другите партии, вели Гаши.
Алтернатива смета дека не е време за предвремени парламентарни избори поради кризите низ кои поминува државава. Ниту Движење Беса не бара предвремени парламентарни избори, туку бара од меѓународните партнери дополнителни механизми за контрола на Владата.
