Премиерот Христијан Мицкоски го образложи ставот на Владата во однос на полагањето на правосудниот испит, предлагајќи решение со кое кандидатите ќе можат да го полагаат испитот на јазикот на кој ги завршиле студиите, додека практичниот дел ќе се спроведува исклучиво на македонски јазик.
Според предлогот, студентите кои завршиле додипломски студии на албански, турски или англиски јазик ќе имаат можност правосудниот испит да го полагаат на јазикот на кој дипломирале.
Од друга страна, практичниот дел од испитот, кој опфаќа симулација на судски процеси од областа на кривичната и граѓанската постапка, ќе се одвива на македонски јазик.
Мицкоски нагласи дека македонскиот јазик треба да остане заеднички јазик на комуникација во правосудниот систем, потенцирајќи дека ваквиот принцип е непосредно поврзан со владеењето на правото и непреченото функционирање на институциите.
„Тоа е нашиот став како Влада!“, порача премиерот Мицкоски.
Со предложеното решение, според ставот на Владата, се овозможува полагање на правосудниот испит на јазикот на кој кандидатите се образувале, притоа задржувајќи го македонскиот јазик како заеднички јазик во практичниот дел од испитот.
