Мицкоски прифати да влезе во Влада но без ДУИ – партијата на Ахмети спремна да оди во опозиција за уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со понуди и контра понуди се одвиваше денешната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По завршувањето на средбата премиерот рече дека му е мило што Мицкоски го омекнал ставот дека категорично под ниту еден услов нема да прифати уставни измени. Со цел продолжување на европскиот пат на земјата и обезбедувањето на гласови за уставните измени, Ковачевски му понудил на Мицкоски да влезе во Влада, да се изгласат уставните измени и потоа да се оди на избори.

За Мицкоски прифатлива е идејата за проширување на Владата, под услов ДУИ да замине во опозиција. Тој исто така побараа таа влада без ДУИ да обезбеди гаранции од неколку земји од ЕУ дека овој пат нема да има нови барања кон Македонија за патот кон ЕУ.

По завршувањето на средбата преку Фејбук се произнесе и ДУИ. Портпаролот на оваа партија, Бујар Османи, рече дека ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ доколку опозицијата ги поддржи уставните измени.

„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите  стапат на сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, вели Бујар Османи

Веднаш реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Ја поздравија одлуката ДУИ да оди во опозиција доколку партијата на Мицкоски гласа за уставните измени пред формирањето на сеопфатна Влада. Додаваат дека останува ДУИ да се согласи за одложена примена на измените.

„Останува уште ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет. Сакале неќеле догодина ДУИ ќе биде опозиција, но добро е што стануваат свесни“, додаде ВМРО-ДПМНЕ.

Средбата меѓу двајцата лидери заврши без конкретен епилог. Премиерот Ковачевски рече дека треба да разговара и со коалиционите партнери за да одлучат што понатаму.