Мицкоски: Протестите се традиционални, Владата го почитува правото на синдикално изразување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дел од синдикатите кои денеска протестираат во минатото учествувале во заеднички договори за унапредување на работничките права и зголемување на платите, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој оцени дека денешните собири спаѓаат во категоријата традиционални првомајски протести, нагласувајќи дека таквото изразување е легитимно и очекувано.

– Овие протести ги гледам како дел од традиционалните првомајски активности што синдикатите треба да ги организираат. Секој граѓанин има право да протестира и да се бори за подобри услови. Ние сме демократска држава и како Влада го почитуваме тоа право – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Изјавата беше дадена при поставување камен-темелник за катна гаража зад Градскиот пазар во Охрид.

Во рамки на посетата на Општина Охрид, премиерот најави увид во градежните активности на плоштадот „Кај Чинарот“, како и во проектот за пумпната станица „Метропол“. На терен е придружуван од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.