Мицкоски: Растот на БДП од 3% е еден од најголемите во Европа – Finance think: Остануваме на проекциите за раст на БДП од 2,7% во 2024

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Растот на Бруто-домашниот производ од 3 проценти во третиот квартал од годинава е еден од најголемите во Европа – се пофали премиерот Христијан Мицкоски. Повисоки стапки на раст очекува во последниот квартал, кога се регистрирани и поголеми приливи по основ на даноци, придонеси и царини. Вели годинава може да ја завршиме со раст на БДП од 3%.

„Само пет земји членки на Европската унија имаат поголема стапка на раст во третиот квартал“, рече Мицкоски.

„Ако се анализираат податоците ревидирани за првите три квартали тогаш можеме да кажеме дека македонската економија, БДП порасна во просек повеќе од 2,6% што претставува повеќе од предвидувањата на некој да речеме од Меѓународните институции, мислам дека тоа беше Светска банка која што предвидуваше раст од 1,8 проценти за оваа 2024 година. За краток период ја консолидиравме економијата, и можам да кажам дека сум задоволен“- рече Мицкоски.

Очекува забрзан раст и во 2025-та година. Ова го базира на капиталните инвестиции и најавениот инвестицискиот циклус од околу 800 милиони евра, со парите од Унгарскиот кредит наменети за општините и компаниите.

Но со реакција се јави опозициската СДСМ.

„Нема поголема потврда за успешноста на економските политики на СДСМ во тешки услови на глобална економска и енергетска криза од денешната прес конференција на Мицкоски. Денеска Мицкоски се пофали со резултатите на економските политики на СДСМ во изминатите години, за што му благодариме“, велат од СДСМ.

Но, растот на БДП во третиот квартал од 3 проценти не ги помести проекциите на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“. Очекуваат 2,7 проценти раст на БДП за годинава.

„Позитивната динамика на економијата се очекува да продолжи до крајот на 2024 година и во првите квартали од 2025. Finance Think останува на проекциите за раст на БДП во 2024 од 2.7% и за раст на цените од 3.8% дадени во претходните Макро-монитори. Проекциите за 2025 се: раст на БДП од 3.5% и раст на цените од 2.4%“, стои во проекциите на „Finance Think“.

Наспроти оптимизмот на премиерот дека годинава можеме да достигнеме раст на економијата од 3 проценти, проекциите на Народната банка се дека годинава ќе ја завршиме со раст на БДП од 2,3%. ММФ ни прогнозира раст од 2,2%, а Светската банка од 1,8%. Владата пак во ребалансот напиша дека очекува раст на БДП за годинава од 2,1%.