Цената на електричната енергија што ја понуди ЕСМ за снабдување во период од една година засега нема да биде јавно објавена. Одлуката е донесена на затворена седница на Владата и податокот е класифициран сè додека не заврши тендерската постапка.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да води грижа за стандардот на граѓаните и дека ќе остане на праксата на субвенционирање на електричната енергија за домаќинствата.
„Се водиме од тоа да нема големи пореметувања во стандардот на граѓаните и да продолжиме со субвенционирањето. Пазарната цена на електричната енергија е околу стотина евра во моментов, а за првпат се спроведува јавна набавка за цела година, а не само за половина. Во овој момент не можам да ја соопштам цената, но бидете сигурни дека водиме грижа за стандардот на граѓаните и продолжуваме да ја субвенционираме струјата за сите што се на регулираниот пазар, односно за домаќинствата“, изјави Мицкоски.
ЕСМ веќе ја достави новата понудена цена до Владата, која на вчерашната затворена седница разгледуваше дали предлогот е прифатлив. Во моментов, ЕСМ продава електрична енергија за домаќинствата по 62 евра за мегават-час.
