Мицкоски: Со Бугарија очекувам средба на коњопој – Жерновски: Мицкоски има стратегија да ја поткопа можноста за средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште нема одговор од Бугарија за тоа дали и кога ќе има средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова, откако претседателката на Европската комисија во петокот порача дека треба да се водат разговори со Софија. Од бугарска страна за сега има најава дека е можно да има некаква средба на маргините на министерскиот состанок за Коридорот 8 кој треба да се одржи в четврток, но засега нема официјален договор. Премиерот Мицкоски вели дека не очекува ништо и вели дека тоа ќе биде како средба на коњопој.

„Имајќи ја предвид мојата анализа која што вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи е дека, еве ќе бидам повторно дипломатски некоректен, а имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо, очекувам некој дијалог „pull aside“, ние така го викаме на коњопој и тоа отприлика да биде тоа“, рече Христијан Мицкоски.

Опозицијата и денеска со критики, вели дека премиерот Мицкоски има стратегија да ја поткопа можноста за одржување средба и разговори со Бугарија.

„Уште пред да се случи таа средба, гледаме стратегија на поткопување на таа средба. Премиерот Мицкоски, сега ќе не тера да размислуваме и да зборуваме само за она што се случувало во минатото. Но тоа е специјалната стратегија која што Мицкоски сега ја прави само за да може да ја одвлече Македонија повторно назад и да не бидеме дел од овој пакет кој што наскоро ќе влезе во Европската унија“, вели Андреј Жерновски.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје во петокот порача дека Македонија треба да го реши спорот со Бугарија по што смета дека земјава многу брзо ќе се придвижи кон членство во ЕУ.