Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција обелодени серија на мерки за подобар живот на граѓаните, доколку ги добијат изборите на 12 април. Пред се денеска обелодени серија на економски мерки, а рече дека ова е само првата од серија на прес-конференции.
„Oтпочнуваме серија на прес конференции каде ќе промовираме мерки и решенија кои ќе бидат дел од обновата која доаѓа, а кои ќе овозможат повеќе за секого. Тоа се мерки и проекти кон кои се обврзуваме и кои ќе треба да донесат повеќе пари, повеќе средства, повеќе надеж, повеќе насмевки. Повеќе за пензионерите, повеќе за работниците, повеќе за стопанството и бизнисот, повеќе за граѓаните и стандардот, повеќе за Македонија.
И слободно можам да кажам дека ова пред се ќе биде економска обнова, обнова заоснована на економски темели за кои најважен услов ќе биде правдата.
За да имаме развој ни треба повеќе во економијата, почитување на законите и повеќе во стандардот кај граѓаните.
Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25% во еден мандат. Ќе пораснат платите за минимум 25% во следните 4 години.
Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20% во еден мандат или тоа ќе значи повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер.
Во однос на невработеноста, тука нема да има пораст. Туку драстично ќе ја намалиме. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе Невработеност под 10% – едноцифрена невработеност.
Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе работа за младите, 0% персонален данок за млади до 29 години. Ова ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кој имаат годишен нето приход до 6.5 илјади евра. Младите да имаат шанса тука да ја градат иднината.
За стопaнството, бизнисот и граѓаните ќе има повеќе пари.
Ќе паѓаат даноците, а тоа значи повеќе пари за стопанството и граѓаните. Целосно ќе го напуштиме концептот на прогресивен данок и ќе воведеме рамен данок до 8%.
Се обврзуваме на обнова која ќе донесе 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат.
Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за минимум 4% годишно. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија“, рече Мицкоски.
